Проектот „Градот за селото, селото за градот“ на Зелена Република има за цел да придонесе кон долгорочен одржлив развој на руралните средини преку зголемување на компетитивноста и пласманот на производите и услугите на малите земјоделски стопанства на пазарот. Главната цел ќе се постигне со воведување одржливи земјоделски практики како што е примената на органското производство во малите земјоделски стопанства.

Преку активностите на проектот, носителите на малите земјоделски стопанства ќе бидат зајакнати и поттикнати да интегрираат основна ИТ-технологија во управувањето со производството, како и да развиваат економски активности од сферата на агротуризмот. По работилница посветена на принципите на органското производство, на оние учесници што ќе се одлучат да започнат со конверзија кон органско производство, ќе им биде понудено менторство во процесот и бесплатни средства за заштита на растенијата обезбедени во рамките на проектот. Предност ќе имаат земјоделски стопанства чии носители се жени.

Дополнително, ќе бидат одржани три едукативни работилници за здрав и одржлив животен стил,  со цел зголемување на свесноста кај потенцијалните купувачи во однос на индивидуалното здравје, како и за влијанието на навиките за набавка на храна на купувачите врз локалната заедница и животната средина.

Во рамките на проектот ќе бидат отворени и нови работни места на кои ќе бидат ангажирани тешко вработливи лица. Предност ќе имаат припадници на ранливи категории со искуство или потенцијал за развој на неопходните вештини (жени, самохрани родителки/родители, припадници на ромската заедница, како и други ранливи категории).